Делегација од Дирекцијата за радијациона сигурност учествуваше на 70. Генерална конференција на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), која од 14 до 18 септември 2026 година се одржа во Виена.
Генералната конференција на МААЕ претставува еден од најзначајните меѓународни форуми за размена на искуства и унапредување на соработката во областа на мирољубивата употреба на нуклеарната енергија, радијационата и нуклеарната сигурност. Учеството на Дирекцијата претставува значајна можност за следење на најновите меѓународни регулаторни практики и приоритети, размена на искуства со сродни регулаторни тела и институции и унапредување на меѓународната соработка.
Особено значење има можноста за директен дијалог со претставници на МААЕ и националните регулаторни тела, преку кој Дирекцијата ги презентира националните приоритети и предизвици и ги разгледува можностите за понатамошна поддршка и развој на националните капацитети во областа на радијационата сигурност.
За време на конференцијата, претставници на Дирекцијата за радијациона сигурност остварија средба со Грчката комисија за атомска енергија, на која беа разгледани можностите за продлабочување на соработката меѓу двете институции. Особено внимание беше посветено на можноста за потпишување на Меморандум за разбирање, со кој ќе се придонесе во воспоставување на рамка за понатамошна институционална соработка и размена на искуства. На средбата беше разгледана и можноста за размена на експерти и стручни знаења, како и реализација на заеднички активности од областа на радијационата и нуклеарната сигурност. Соработката со грчкото регулаторно тело се очекува да придонесе кон дополнително јакнење на регулаторните капацитети и размена на практики од значење за унапредување на националната регулаторна инфраструктура.
Дополнително, претставници на Дирекцијата одржаа работен состанок со претставници на МААЕ посветен на унапредувањето на националната регулаторна рамка за безбеден транспорт на радиоактивен и нуклеарен материјал. Во фокусот на состанокот беше организирањето национална работилница, со стручна поддршка од МААЕ. Работилницата ќе биде можност за разгледување на постојното национално законодавство, размена на искуства и идентификување на можности за негово понатамошно унапредување во согласност со меѓународните стандарди на МААЕ. Безбедниот транспорт на радиоактивен и нуклеарен материјал е важен дел од системот за радијациона и нуклеарна сигурност. Со планираната активност, ДРС продолжува да работи на јакнење на националната регулаторна инфраструктура и на унапредување на усогласеноста со меѓународните стандарди и добри практики.
Учеството на Дирекцијата на Генералната конференција претставува важен придонес кон јакнењето на меѓународната и регионалната соработка и континуираното унапредување на националната регулаторна инфраструктура и капацитети за радијациона и нуклеарна сигурност.